Четириесет и осумчасовно задржување е мерката која е одредена за осомничениот за синоќешниот напад кај Младеновац во кој беа убиени осум лица, а повредени 14 и која многу веројатно ќе биде преточена во 30-дневен притвор. Уапсени и дедото и вујкото на 21-годишниот напаѓач, бидејќи му помагале во криење при полициската потрага, пренесуваат српските медиуми.
Осомничениот за масакрот кај Младеновац беше уапсен утрово во околината на Крагуевац, по осумчасовната потера во која учествуваа над 600 полицајци. При претресот во викендичката што 21-годишникот ја користел за криење, полицијата пронајде арсенал на оружје, вклучително автоматска пушка без фабрички број, пиштол, четири рачни бомби и над 200 куршуми.
Ова е второ масовно убиството што ја потресе Србија во период од 48 часа. Крвавиот поход почнал синоќа пред полноќ, во селата Мало Орашје и Дубона кај Младеновац, пришто 21 годишно момче уби осум млади лица, меѓу кои и 15 годишно дете и полицаец кој не бил на должност, како и неговата сестра.
Во однос на повредените во синоќешниот масакр во Младеновац, српската министерка за здравство, Даница Грујичиќ рече дека сите се наоѓаат во животна опасност. Министерството за здравство, пак, попладнево упати апел до граѓаните дека се потребни крводарители за ранетите од синоќешниот масакр.
Што се однесува до повредените деца во средата во Белград, Грујичиќ потврди дека две се пуштени на домашно лекување. Состојбата, според неа, се подобрува и кај дел од пациентите кои остануваат хоспитализирани на Детската клиника и во Ургентниот центар во српската престолнина, но кај дел останува и натаму критична.