Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против жителка на селото Мала Речица, тетовско на возраст од 39 години, за која постои основано сомнение дека го извршила кривичното дело „убиство“ од член 123 став 1 точка 1 од Кривичниот законик, соопштија од ОЈО Тетово.
– Осомничената на 27 јуни 2021 година, во домот во кој живеела, околу 11:00 часот, во подрумските простории на подмолен начин го лишила од живот оштетениот нејзин вонбрачен сопруг. По претходна физичка и вербална расправија меѓу нив, осомничената со употреба на тврд предмет – чекан му задала неколку удари во тилниот дел од главата на оштетениот, додека тој спиел на душек поставен на подот во дневната соба во подрумските простории. Од нанесените повреди оштетениот починал на самото место. Осомничената пак, сама се пријавила во полициска станица, велат од тетовското обвинителство.
Обвинителството во Тетово на надлежниот суд му предложи на осомничената да и определи мерка притвор, во насока на натамошно непречено одвивање на кривичната постапка. Судијата на претходна постапка при Основниот суд Тетово го прифати предлогот на обвинителството и со Решение на осомничената и определи притор во траење од 30 дена.