Шефот на данската контраразузнавачка служба Ларс Финдсен е задржан во притвор поради неговата вмешаност во случај со протекување на многу доверливи информации, јави државната телевизија ДР.
Четворица сегашни и поранешни вработени во две дански разузнавачки служби беа уапсени во декември поради објавување на многу доверливи информации. Финдсен е единствениот кој останува во притвор додека трае истрагата.
Веста, која ја пренесе ДР и други локални медиуми, се појави на вчерашното судско рочиште кога беше укината забраната за објавување.
– Сакам да бидат покренати обвиненија и се изјаснувам за невин. Ова е целосно лудо, им рече Финдсен на новинарите на рочиштето.
Случајот, за кој властите објавија многу малку информации, се води зад затворени врати, што значи дека точните наводи и природата на протечените информации не се објавени.
Според телевизијата ДР, која се повикува на неименувани извори, случајот се врти околу протекување доверливи информации во данските медиуми.
Во 2020 година, ДР објави дека Данската одбранбена разузнавачка служба споделила необработени податоци од информативните депеши со американската Агенција за национална безбедност, што значи дека НСА можеби имала пристап до личните податоци и приватните комуникации на дански граѓани.
Минатата година, неколку други локални медиуми објавија извештаи за данските разузнавачки активности врз основа на доверливи информации.
Во одделен случај, Финдсен и четворица други разузнавачки службеници беа суспендирани во август 2020 година, откако независниот комитет што ја надгледуваше разузнавачката служба поднесе обвинение за сериозно недолично однесување. Минатиот месец, истражната комисија ги отфрли обвинувањата и суспензиите беа укинати.