Притворот на Душко Лазаров ќе биде оценуван од судот во Стразбур. Неговата жалба ја минала првата фаза на одобрување во Европскиот суд за човекови права, по што сега останува да се чека одлуката за притворот кој предизвика бура реакции во јавноста. Тони Менкиноски, адвокатот на првостепено осудениот на 15 години за настаните од 27 април, за Алфа вели дека доколку во Стразбур биде прифатена жалбата на Лазаров, тогаш според закон одбраната ќе побара разрешување на сите судии, објавува Алфа.

-Се работи за повреда каде се инфицирани сите судски инстанции. Се работи за повреда на Основниот суд, Апелациониот и Врховниот суд. Почетокот на оваа постапка значи и носење скоро и на одлука, изјави ТОНИ МЕНКИНОСКИ- адвокат на Душко Лазаров

Инаку, Врховниот суд повеќе од пет месеци не одговараше на жалбата за притворот на Душко Лазаров, кој доби драконска пресуда за собраниските настани. Неговата ќерка, Марија Лазарова пред камерата на Алфа кажа дека тој е осуден без никакви докази, бидејќи не сторил нешто што не му било обврска.

Менкиноски вели со одлуката на судот во Стразбур стартува меѓународно испитување на целиот судски процес за настаните од 27 април, а не само за Лазаров.

-Предметот на Душко Лазаров е почеток на меѓународниот мониторинг и надзор на целокупниот предмет за 27 април, кој го има епитетот на политички предмет, каде постои сосема јасна и транспарентна повреда на правото на правично судење пред непристрасен трибунал, дополнува Менкиноски

Од семејството на Душко Лазаров за Алфа велат дека доколку биде прифатена жалбата, тие ќе одат со кривични пријави против судиите, кои одлучуваа за притворот на Лазаров.