По 25 години волонтерство за подобрување на менталното здравје во Камбоџа, капетанот на Австралиската армија Миле Гламчевски, инаку со македонско потекло, стана витез на Камбоџа.
Кралот на Камбоџа Нородом Сихамони, го одликува капетанот Миле Гламчевски со Кралскиот орден на Сахаметреи (Големиот Крст) витешки ред, за давање истакнати услуги на кралот и народот на Камбоџа, пишува интернет страницата на весникот на австралиската армија „Army“.
Капетанот Гламчевски, за весникот изјави дека тоа веројатно ќе биде највисоката награда што ќе ја добие.
-Можеби станува збор за индивидуална награда, но немаше да се случи без групен напор, рече капетанот Гламчевски.
Штотуку дипломиран на Универзитетот пред 30 години, капетанот Гламчевски прифатил да работи како предавач на Универзитетот во Камбоџа.
Во 1996 година, Универзитетот сè уште немал компјутери, па Универзитетот Латроб и Универзитетот Монаш донирале два, а капетанот Гламчевски ги зел да ги однеси во Камбоџа.
-Кога стигнав до аеродромот во Мелбурн да заминам, бев информиран дека багажот ми е над границата. Ја исфрлив целата лична опрема и пристигнав во Камбоџа само со тоа што го носев на мене и компјутерите, вели тој за весникот на Австралиската армија.
Капетанот Миле (Михајло) Гламчевски сега го дели своето време помеѓу Камбоџа и Австралија каде работи како офицер за операции на 6-та чета за поддршка на логистиката за 2-от баталјон за поддршка и како генерален директор на Викторија и Западна Австралија за „onPsych “.
„ОнПсих“ е владина структура која има за цел да се осигура дека сите Австралијанци имаат пристап до високо квалификувани психолози, давајќи им пристап и до службите за високо и квалитетно ментално здравје, без разлика на мотивите поради кои имаат потреба.
Откако станал резервист пред 10 години во Австралиската армија, капетанот Гламчевски вели дека Армијата ги поддржува и неговите други заложби.
-Бев на позиции на офицер за операции каде единиците ја преструктуираа мојата улога за да ми дозволат да бидам ефикасен за нив и за моите цивилни обврски. Една единица ми даде наредник за операции за да ги завршам дневните задачи, бидејќи требаше да бидам во странство две недели секој месец. Летав во вторникот наутро, работев во единицата до недела, завршувајќи ги резервните задачи за викенд и потоа повторно заминував во странство, објаснува тој.
Капетанот Гамчевски има постдипломски квалификации – докторат за ментално здравје, медицина и образование и има давано и дава психичко-здравствена поддршка на училиштата во Австралија, Малезија, Турција, Камбоџа, Науру и во Источен Тимор.
Миле (Михајло) Гламчевски, чија мајка е Австралијанка и татко Македонец, прв пат ја посети родната земја на својот татко во декември 2018 само на неколку дена, кога се запозна со своите најблиски роднини во селото Буково, Битолско.