Во светот денеска се пријавени проблеми и прекини во ИТ мрежите во глобалните институции, вклучувајќи банки, телекомуникациски компании, медиуми и авиокомпании, приземјени се авиони, медиуми не емитуваат програми, а погоден е и компјутерскиот систем на Летните олимписки игри во Париз, кои почнуваат за една недела, јавуваат светските медиуми.
Компанијата „Мајкрософт“ соопшти дека презема „акции за ублажување“ на проблемите кои ги пријавија корисниците, а поради кои во компаниите и банките ширум светот дојде до технички проблеми и прекини во функционирањето.
Компанијата истражува прашања поврзани со обезбедувањето на клауд услуги во САД, како и проблем што влијаеше на неколку нејзини апликации и услуги, се вели во соопштението, а пренесува Би-Би-Си.
Организаторите на Олимписките игри во Париз денеска соопштија дека се соочуваат со проблеми поврзани со големиот прекин на компјутерските системи во светот.
„Париз 2024 е свесен за глобалните технички проблеми што влијаат на софтверот на Мајкрософт. Тие проблеми влијаат на ИТ операциите на ОИ во Париз 2024 година“, велат организаторите.
Претходно француската агенција за кибер безбедност соопшти дека се уште немаат докази дека глобалниот прекин на ИТ што погоди авиокомпании, банки, медиуми и други бизниси бил предизвикан од кибер напад
„Тимовите се целосно мобилизирани за да ги идентификуваат и поддржат засегнатите ентитети во Франција и да го разберат потеклото на овој прекин“, соопшти националната агенција за кибер безбедност (ANSSI), додавајќи „Нема докази што сугерираат дека овој прекин е резултат на кибер напад“.
Фото: МИА архива