На 8 и 9 мај албанскиот претседател Илир Мета ќе биде домаќин на состанокот на лидерите на земјите во Процесот Брдо-Бриони, што ќе се одржи во Тирана.
На состанокот се очекува да присуствуваат претседателите на Република Македонија, Ѓорге Иванов, претседателката на Хрватска Колинда Грабар Китаровиќ, на Словенија Борут Пахор, на Србија Александар Вучиќ, на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Косово Хашим Тачи, како и тројца членови на претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додиќ, Шефик Џаферовиќ и Жељко Комшиќ. Како специјални гости на состанокот, во Тирана ќе допатуваат и високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ,Федерика Могерини и премиерот на Република Полска, Анджеј Дуда.
Самитот на лидери во Тирана, кој се совпаѓа со „Денот на Европа“, има за цел да пренесе важна политичка порака за заедничките аспирации на земјите од регионот да се интегрираат во Европска Унија. На крајот на Самитот, лидерите на процесот ќе усвојат документот со заклучоци од состанокот.
Претседател Иванов беше домаќин на состанокот на лидерите на земјите од Процесот Брдо-Бриони во Скопје на крајот од април минатата година.
Процесот Брдо-Бриони првпат се одржа во 2013 година на иницијатива на претседателите на Словенија и на Хрватска. Името на иницијативата е поради споделената идеја на претседателите на двете земји, на Брдо кај Крањ се одржува првиот состанок на лидерите од регионот, а на Бриони, е во чест на коорганизаторот и партнерот во иницијативата, Хрватска.
Главната цел на Процесот Брдо-Бриони е европска интеграција на земјите од регионот и стабилизирање на состојбите во Западен Балкан преку јакнење на регионалната соработка и решавање на отворените прашања.