Како еден од приоритетните проекти за нашиот град ја претставувам реконструкцијата на улицата „Александар Македонски“. Оваа улица е една од најважните сообраќајни артерии во Прилеп, таа е нашата порта кон градот, изјави кандидатот за градоначалник на општина Прилеп, Дејан Проданоски од редовите на владејачката партија.
Тој додаде дека оваа фактичка состојба не одговара за модерен и развиен Прилеп. Затоа решивме дека веднаш е потребна целосна промена, која што ќе биде од особено значење за бизнис секторот и стопанството кое што продолжува да се развива на оваа страна од градот.
Проектот ќе се реализира во две фази. Во првата, ќе ја реконструираме делницата од крстосницата кај Чумовчани до ресторанот ,,Анита” во должина од 1200 метри. Во втората фаза, ќе ја изградиме делницата од 3200 метри, од ,,Анита” до Ново Лагово. Таму предвидуваме доградување на постојниот профил, тротоари од двете страни, како и современи велосипедски патеки, затоа што пешаците и велосипедистите мора да имаат подеднакво безбедно и достоинствено место во сообраќајот, соопшти Проданоски.
„Ова нема да биде само обична реконструкција на коловоз. Ќе извршиме и целосна замена на водоводната и канализационата линија, ќе поставиме нови рабници и сливници, а за прв пат во Прилеп ќе користиме самонивелирачки капаци на шахтите, решение кое гарантира квалитет, трајност и безбедност на оваа клучна инфраструктура.
На оваа улица ќе изградиме и нов кружен тек кај „Димо Наредникот”, со што ќе овозможиме побрз, побезбеден и поефикасен проток на сообраќајот, без застој и гужви“, изјави кандидатот за градоначалник на општина Прилеп, Дејан Проданоски.
„Со реализацијата на овој проект, секој ќе добие свој простор, пешаците–безбедни тротоари, велосипедистите-современи патеки, а возачите- широка и уредена улица.
Драги мои сограѓани, оваа инвестиција ќе биде еден од симболите на еден нов Прилеп, модерен, европски, со инфраструктура која му служи на секој граѓанин. Ова е визијата што ја градиме заедно, визија за модерен Прилеп“, изјави Проданоски.