Одлуките за забрана за влез во Грција на државјани на трети земји и за ограничување на копнените граници со Македонија, Турција и Албанија, грчката Влада ги продолжи за уште две седмици, односно до 5 април 2021 година, јави дописничката на МИА од Атина.
Согласно министерската одлука за „воведување мерки за привремено ограничување на копнените, воздушните и морските поврзувања на земјата, за забрана за влез во земјата на државјани на трети земји, освен од државите на Европската унија и Шенген зоната“ за да се ограничи ширењето на коровирусот што синоќа беше објавена во Службен весник на Грција, продолжени и дополнителните рестрикции за влез во земјата преку граничните премини Евзони со Македонија и Какавиа со Албанија, како и задолжителниот карантин.
Граничните премини Евзони (Богородица) и Какавиа работат од 7 до 19 часот, по локално време, а дневно дозволено е во Грција да влезат најмногу 400 лица, додека пак задолжителен е домашен карантин од 14 дена.
На овие гранични премини, на сите, задолжително им се прави брз тест, вклучително и на возачите на камионите, а при позитивен резултат нема да биде дозволен влез.
Новите построги мерки, односно брзите тестови при влезот и работното време на граничните премини важат и за транспортерите, нешто што беше причина да реагираат камионџиите од Грција и Северна Македонија, кои на почетокот на месецов одржаа протест на Евзони (Богородица).
Првиот член од министерската одлука се однесува на копнените граници на Грција, односно на привременото ограничување на сите копнени (патните и железничките) поврзувања од и кон земјата „од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на коронавирусот Ковид-19, како и забрана за влез на лица преку наведените поврзувања, освен ако исполнуваат конкретни предуслови“.
За странските државјани за кои не постои забрана, дозволен е влез само преку Бугарија, односно преку граничниот премин Промахонас (Кулата), кој работи од 7 до 23 часот по локално време и само со негативен молекуларен тест за Ковид-19 направен 72 часа пред пристигнувањето, но и доколку добијат негативен резултат од рапид тестот направен на влезот во Грција.
Од останатите гранични премини што се отворени, односно Евзони (Богородица) кон Македонија, Какавија и кон Албанија и Кипи кон Турција, влезот во Грција е дозволен само за одредени категории и исто така со потврда за претходно направен негативен ПЦР тест и со негативен резултат од брзиот тест на самиот граничен премин направен од грчките власти.
Забраната за влез во земјата не важи за грчки државјани, за лица кои имаат дозвола за престој и лица кои живеат во Грција, за влез на лица со апсолутно неопходни професионални или медицински причини за кои имаат и потребни документи, за товарните камиони, како и за транзит на болнички возила кои од Косово преку Северна Македонија влегуваат во Грција за хоспитализирање на пациенти кои припаѓаат на дипломатскиот, воениот или административниот персонал на земјите членки на ЕУ и EULEX на Косово.
Во истата одлука, во посебен член е и привремената забрана за влез во Грција на „сите државјани на трети земји, од која било влезна точка, на кој било начин и со кое било средство, вклучувајќи ги авионските, морските, железничките и патните поврзувања од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на Ковид-19 на грчка територија“, објави МИА.
Исклучок, се државјаните на земјите членки на Европската унија и Шенген зоната и жителите на Австралија, Нов Зеланд, Јужна Кореја, Тајланд, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати, Русија, Руанда, Сингапур и Израел.
Исто така, исклучок се и одредени категории граѓани, како што се медицинскиот персонал и здравствените работници, оние кои имаат дозвола за престој во земја членка на ЕУ или земја од Шенген зоната, членови на владини мисии, дипломати, превозници, возачи на камиони што пренесуваат стоки, транзит патници, студенти, лица кои се грижат за стари лица и лица со инвалидитет, како сезонски земјоделски работници.
За сите оние за кои е дозволен влез во Грција, освен негативен ПЦР тест, потребно е да го имаат пополнето и специјалниот формулар PLF (Passenger Locator Form), да бидат негативни и на брзиот тест на граница, а при влез од Македонија и Албанија, односно од граничните премини Евзони (Богородица) и Какавиа задолжителен е домашен карантин од 14 дена.
Границите на Грција, веќе една година се затворени за државјани на трети земји, меѓу кои и за македонските државјани. Одлуката беше воведена лани, за време на првиот карантин во март, а оттогаш се продолжува на секои две седмици.
Последната одлука беше од 8 до 22 март, а од утре, во 6 часот наутро стапува во сила новата, во траење до 5 април.