Предвидената получасовна пауза во работата, вработените во Медиумската информативна агенција и денеска ја искористија за гласно да повторат дека земаат потпросечни плати и дека бараат зголемување за 30%. Од Синдикалната организација кажаа дека примањата не им пораснале последниве 4 години наспроти 78% порастот на платите на функционерите. Нивното упатено барање до Владата со месеци е игнорирано.
Бараме зголемување на платите за 30%, што е за 2, 5 пати помалку од 78 % зголемувањето на платите на функционерите. Додека за другите барања потребни се системски решенија, барањето за зголемување на платите е најлесно за решавање, треба само да се стави на дневен ред на седница на Влада. Според официјални податоци, просечната нето- плата во мај 2023 година изнесуваше 36465 денари, додека платите на новинарите и медиумските работници во МИА се за повеќе од 6000 денари помали од просекот, вели Марина Илиевска- претседателка на Синдикална организација на МИА.
МИА има финансиски план за годинава во кој е предидено зголемување на платите, без екстра трошоци од буџетот, за што како државен медиум чека дозвола од Владата. Од таму вчера кажаа дека барањето за повисоки плати е во владина процедура и за него ќе се одлучува на една од наредните седници.