Премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека ќе продолжат субвенциите за „зелена нафта“. Тој ја потврди информацијата што завчера ја сподели и ресорниот министер Цветан Трипуновски, дека веќе е во тек делењето на ваучерите за околу 46 000 земјоделци.
Како што напомена Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања по поставувањето камен-темелник на Дом за стари лица во Зрновци, за оваа мерка се обезбедени 540 милиони денари.
-Да, апсолутно. Како Влада имаме таква политика. Веќе е почнато делењето на ваучери за околу 46 000 земјоделци. Сумата за оваа поддршка е над половина милијарда денари, околу 540 милиони денари, министерот реферираше на последната владина седница дека делењето на ваучерите е почнато. Продолжуваме да ги поддржуваме земјоделците зашто тоа ни е најважно како Влада, потенцира Мицкоски.
Тој се осврна и на откупот на грозјето.
-При крај е откупот на грозјето, се берат последните количини. Заклучно со вчера имавме околу 90 милиони килограми и ако на тоа се додаат 15 милиони килограми што ги имаат визбите, доаѓаме до 105 милиони. Очекуваме над 110 милиони килограми, имајќи предвид дека лани вкупната реколта беше 75 милиони. Сега имаме меѓу 35 и 45 милиони килограми повеќе грозје. очекувам и поголем прилив од извоз. Годинава повеќе се бараше белото гројзе, но и црното најде место во визбите. Пред да дојдам сега во Зрновци, бев во Чешпиново-Олблешево, разговарав со земјоделците. Сега доѓа на ред оризот, па јаболкото, тутунот,… Имаме план, како завршуав една, почнува друга реколта, секако сите култури и земјоделците ни се во фокус, подвлече премиерот.