Судирите меѓу демонстрантите и полицијата петта вечер по ред ги потресоа американски градови и покрај полицискиот час што го објавија властите во 25 од нив, во 16 држави, за да го смират гневот предизвикан од смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд.
Претседателот Доналд Трамп вети дека ќе го „запре колективното насилство“ по неколку ноќи насилство и вандализам на улици во САД.
Покрај длабоката фрустрација од несразмерната полициска бруталност против афроамериканската заедница, насилството експлодираше и заради социјалната изолација наметната од пандемијата на коронавирусот што остави милиони луѓе без работа и повторно несразмерно ги зафати сиромашните и малцинствата, јавија западни агенции.
Полицијата во Минеаполис град во американската држава Минесота употреби солзавец и други средства, за да ги растера луѓето што не го почитуваат полицискиот час.
-Немаме друг избор, има многу бес, објасни 24-годишната Дека Јама, која „бара правда“ за Џорџ Флојд, кој беше невооружен и беше задушен откако полицаец белец со колено му ја приклешти главата.
Демонстрантите и полицијата се судрија и во Њујорк, Филаделфија, Лос Анџелес и Атланта, поради што градските власти, како и властите во Мајами и Чикаго, прогласија полициски час.
Доналд Трамп во неколку наврати ја осуди „трагичната“ смрт на Џорџ Флојд и оцени дека насилните демонстранти го срамотат споменот за тој човек.
-Не смееме да дозволиме мала група криминалци и вандали да ги уништат нашите градови, рече Трамп, осудувајќи ги „групите на екстремно радикалната левица“ и особено групата „Антифа“.
Гувернерот на Минесота, Тим Волц, исто така, ги осуди елементите што ги нарече анархисти кои сеат немири, но и бели расисти или шверцери на дрога.
За да ја врати контролата, тој најави мобилизација на 13.000 припадници на Националната гарда и побара помош од Министерството за одбрана, што е првпат по Втората светска војна Националната гарда да биде ставена во подтовена состојба.
-Ние сме под напад, а распоредувањето е потребно заради надворешните агитатори кои ја користат смртта на Флојд за да сеат хаос, рече тој.
Американскиот државен обвинител Вилијам Бар исто така ги обвини екстремистичките елементи кои поттикнуваат насилство, но ниту тој ниту Волц не дадоа докази за нивните тврдења дека политичката опозиција стои зад сето тоа, јави АФП.
Како и во Минеаполис, така и на други места, тензиите се зголемуваа. Групи незадоволни граѓани имаше на протести во Далас, Лас Вегас, Сиетл, Мемфис и на други место, дури и во Вашингтон пред Белата куќа. Тие извикуваа „Животите на црнците се важни“ (black lives matters) и се соочиja со полицајците опремени со штитови и полиција на коњи пред оградата на Белата куќа.
-Голема толпа, професионално организирана, но никој не се доближи до оградата. Ако го сторат тоа, ќе бидат пречекани со најопасните кучиња и најопасното оружје”, рече Трамп и додаде: “Многу прикриени агенти само чекаат на тој чекор”.
Во Њујорк беа приведени повеќе од 200 лица, а неколку се повредени меѓу полицајците. Молотов коктел беше фрлен врз полициско возило и „вистинско чудо никој не е убиен“, рече командантот на полицијата Дермот Шеа.
Во Атланта и Мајами, толпите запалија полициски возила.
Во Лос Анџелес, повредени се пет полицајци, а неколку стотици лица беа приведени за ескалација, палење продавници и грабежи, особено во луксузни продавници во Беверли Хилс.
Демонстрантите насекаде изразија гнев поради полицијата прекумерна употреба на сила против афроамериканците.
Флојд ќе биде погребан во Хјустон, неговиот роден град.
Демонстрантите сакаат силите за спроведување на законот овојпат да бидат одговорни за насилната неоправдана смрт откриена со видео кое беше споделено во светот.
Полицаецот кој го уби Флојд, Дерек Шовин е уапсен, но Американците сакаат неговото обвинение да биде за убиство со предумисла и да бидат уапсени тројцата други полицајци кои учествува при апсењето.
Во Бруклин во Њујорк, видео покажува како полициско возило влета во толпата демонстранти.
-Можеше да бидат убиени и не знаеме колкумина се повредени, рече конгресменката Александрија Окасио-Кортез на Твитер, барајќи од полициските службеници во Њујорк кои го сторија тоа да бидат изведени пред лицето на правдата.
На прес-конференцијата, градоначалникот на Њујорк, Бил де Блазио, навести дека демонстрантите се виновни.
-Видеото е вознемирувачко и посакувам полицијата да не го сторела тоа, рече Де Блазио, додавајќи, „Но, тие сфатија дека не се првите што почнаа. Ситуацијата е предизвикана од група демонстранти кои нападнаа полициско возило“.
Градоначалникот на Нешвил, во Тенеси, прогласи вонредна состојба, откако демонстрантите ја запалија судницата. Протестите во градот првично беа мирни, но станаа насилни во текот на вечерта, кога демонстрантите започнаа да кршат прозорци на владините згради. Полицијата одговори со солзавец, а гувернерот на Тенеси ја мобилизираше Националната гарда.
Неколку полициски возила беа оштетени во Чикаго, додека најмалку едно е запалено.
Властите во Филаделфија соопштија дека мирните протести ескалирале во насилство, при што најмалку 13 полицајци се повредени и регистрирани се пожари и грабежи во центарот.
Во Тулса, Оклахома, на местото на масакрот на афроамериканците во 1921 година, кога беа убиени до 300 луѓе, демонстранти ги блокираа раскрсниците и го извикуваа името Теренс Крачер, Афроамериканец, кој беше убиен од полицаец во 2016 година.
Во Мајами, Флорида, мирни протести ескалираа во насилство откако демонстранти запалија полициски возила. Според очевидци, полицијата испукала солзавец за да ја растераат толпата.
Во Талахаси, исто така на Флорида, камион влета во демонстрантите, но нема сериозни повреди. Полицијата го уапси возачот.
Во Колумбија, Јужна Каролина, еден локален известувач на ТВ станица беше повреден кога главната полициска станица беше каменувана. Неколку стотици луѓе учествуваа на протестите.
Во Лос Анџелес, полицијата користеше гумени куршуми за да ја растера толпата. Уништено е најмалку едно полициско возило