Професорите Коста Митрески од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и Живко Давчев од Факултетот за земјоделски науки и храна изготвиле проект за прочистување на воздухот со турбо смог-атомизер, преку примена на аeросолна метода.
Посочија, дека по двегодишните испитувања кои ги спровеле во Општина Куманово и Општина Аеродром дошле до заклучок дека со нивниот проект може да се намали аерозагадувањето за 30-70 отсто.
Истакнаа дека испитувањата ги вршеле со позајмена опрема, посочувајќи дека водени од резултатите, претставниците на Општина Куманово одлучиле да ја применат методата во нивниот град, досега, исто така со позајмената машина, а во иднина со турбо смог-атомизер во сопственост на Општината.
Тие денеска нагласија дека добиле донација од „Телеком“ во висина од околу 10.000 евра за набавување на два турбо смог-атомизерa со капацитет од два тонa.
– Ќе биде одлично да се спроведе нашата аeросолна метода, што ќе се користи не само зиме, за намалување на ПМ10 честичките, туку и летно време за чистење на приземен озон што ја надминува границата од 120 микрограми на метар кубен, а, исто така, е еден од петте проблеми за загадувањето на воздухот, истакна Митрески.
Потенцираше дека машините ќе се употребуваат преку целата година, бидејќи освен за чистење на воздухот можат да се користат и при чистење на снег, за санација на патишта…
Давчев истакна дека самата метода е имитација на дожд, посочувајќи дека станува збор за мала инвестиција.
Наведе дека за во Скопје се потребни околу шест комплети, трактори и атомизери.
– Пресметката е дека ако еден турбо смог-атомизер се користи во текот на една ноќ трошоците се околу 200 евра, потенцираше Давчев.
На прашањето околу тоа дали Владата и локалната самоуправа имаат слух за проектот што ќе реши проблем со кој се соочува земјата, тие истакнаа дека сега засега речиси никој не покажал интерес, посочувајќи дека сега, по добивањето на донацијата, ќе се обидат да стапат во контакт со општините со цел да им го презентираат проектот.