Федерацијата за планинарство на Македонија, во соработка со Амбасадата на Словенија во земјава, која обезбеди финансиски средства преку донации од словенечки фирми, во село Бродец денеска го започнува спроведувањето на проектот „Означување на планинарски патеки на Скопска Црна Гора“.
Со обележувањето на патеките се промовира соживотот со природата, важноста на заштитата на животната средина и важноста на квалитетното поминување време во природа во што Словенија има долга традиција и тоа се празнува токму со 30-годишнината од самостојноста на Република Словенија.
Во рамките на проектот опфатени се повеќе патеки на Скопска Црна Гора, кои се обновени со маркации и планинарска сигнализација, поставени се инфотабли со графички приказ на истите. Исто така во рамките на проектот обезбеден е фото ќелија за снабдување со електрична енергија на објектот планинарска куќа-бивак Спирова Колиба, како и уредување на околината на објектот со што се создадоа услови за поквалитетен престој на планинарите и љубителите на природата. Сето ова е спроведено со помош и учество и од членовите на планинарскиот клуб Скопска Црна Гора.
На настанот ќе присуствуа амбасадорот на Република Словенија Милан Предан, градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов, заменик министерот за животна средина и просторно планирање Христина Оџаклиеска, директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски и претставник од Федерацијата за планинарство на Македонија.