Околу 5.000 нови случаи со мозочен удар годишно има во државава и спаѓаме во земји со средна инциденца и преваленца, а тоа значи дека има 200 до 300 мозочни удари на 100.000 жители, а преваленцата изнесува 500 до 600 на 100.000 жители. Ниту една возраст не е поштедена од мозочен удар, значи може да се појави и во детската возраст, изјави проф. д-р Анита Арсовска, шеф на одделот за ургентна неврологија при Универзитетската клиника за неврологија, каде на граѓаните денеска им се врши бесплатен доплер на каротидни артерии во рамки на отворениот ден на Клиниката, а по повод 29 октомври, Светски ден на мозочниот удар.
Таа рече дека кога некој има мозочен удар многу е битно времето и брзото препознавање на симптомите и знаците, односно одземен говор, искривување на лицето, парализа едната страна од телото односно на раката или на ногата и што побрзо пациентот треба да се донесе во најблиската здравствена установа односно на Клиниката за неврологија, каде доколку се работи за исхемичен мозочен удар во првите три до четири ипол часа од почетокот на симптомите може да се аплицира интравенска тромболиза, а тоа е средство за разбивање на тромбот. Во некои случаи, појасни таа, може да има главоболка, нестабилност, проблеми со гледањето и слично.
На Клиниката ги третираат и случаите на возраст над 14 години и тие се нивни најмлади пациенти.
– Мажите на возраст од 60 до 69 години се позасегнати, но како се зголемува возраста жените почесто страдаат од срцеви заболувања и атријална фибрилација, така што во повозрасната група жените се позасегнати за добијат мозочен удар. Споредено со последните неколку години не може да се каже дека е поместена границата, меѓутоа е интересно дека класичните фактори на ризик се присутни и кај помладата популација на возраст под 45 години, истакна д-р Арсовска одговарајќи на новинарско прашање.
Додаде дека мозочниот удар рано се дијагностицира со помош на неуро имиџинг дијагностички методи односно се прави компјутеризирана томографија на мозокот, имаат и протоколи како се бодираат и испитуваат пациентите и доколку ги исполнуваат инклузионите критериуми веднаш се пристапува кон аплицирање на интравенска тромболиза.
Во посета на амбулантата каде се вршеа прегледите, а потоа и на Клиниката денеска беше министерот за здравство Азир Алиу. Тој се сретна со директорот на Клиниката за неврологија, Јован Божиновски.
– Во рамките на одбележувањето на Светскиот ден на мозочен удар, 29 октомври, Клиниката за неврологија во соработка со Министерството за здравство и Македонското невролошко здружение организира настан кој има едукативна цел односно подигнување на јавната свест за мозочниот удар како болест која е една од најчестите по инциденца и причина за смрт, но исто така е и болест број еден во светот за инвалидитет, па и кај нас. Задоволство ми е што има навистина голем одѕив. Во таа насока Клиниката за неврологија има обврска да го едуцира населението за мозочниот удар, за најчестите симптоми и третман. Мотото на одбележувањето е „Мозочниот удар се лекува“, рече д-р Божиновски.
Одговарајќи на новинарско прашање тој посочи дека сите пациенти во рамки на денешниот ден ќе бидат прегледани на новиот доплер на каротидни артерии.
Во однос на дијагностиката на мозочните удари, д-р Божиновски посочи дека имаат соработка и со Институтот за радиологија, но со оглед на бројот на пациенти не секогаш протокот на пациенти односно добивањето резултати е брз и едноставен.
– Во таа насока веќе има идеја да се набави магнет кој ќе биде за Клиниката за неврологија. На тој начин би се подобрил квалитетот на добивањето услуги и би се растоварил и Институтот, бидејќи тие пациенти кои бараат магнетна резонанца сега единствено се снимаат само таму. Јас сум само две недели на оваа функција и после вториот круг од локалните избори ќе разговараме со министерот за здравство доколку има можност да се набави и тоа би било заокружување на тој еден процес на дијагностика на нашите пациенти, додаде Божиновски.
Според д-р Арсовска, факторите на ризик за мозочен удар може да се поделат во две големи групи, а тоа се модифицирачки и немодифицирачки фактори, на кои не може да се влијаат, но може да се влијае на зголемениот крвен притисок, кој е најчест причинител за мозочен удар, зголемите вредност на шеќер во крвта, маснотии, заболувањата на срцето, крвните садови, пушењето, стресното живеење, аерозагадувањето. – Сите овие причинители можеме да ги спречиме и над 90 проценти од мозочните удари може на ваков начин да се превенираат, истакна Арсовска, одговарајќи на новинарско прашање.
Министерот Алиу рече дека здравствениот систем не го гледаат само како систем за лекување, туку и како систем за превенција и затоа вакви денови посветени на прегледи за превенција од различни болести се многу битни и сакаат заедно да имаат интеракција со граѓаните со цел да ги информираат и едуцираат како побрзо да се препознаат симптомите за таков тип заболувања, каков начин на живеење и исхрана и активности треба да имаат за тие да се избегнат.
-Денеска сум фасциниран од инфраструктурата внатре на Неврологија и активностите кои ги има директорот бидејќи за кратко време успеа да се организира настанот и да се реорганизираат внатрешните процеси за да може да се оптимизираат услугите, додаде Алиу. (МИА)




