Математичарот од Бугарската академија на науките и експерт во Националниот оперативен штаб во Бугарија, професор Николај Витанов, предвидува дека ако вакцинацијата против Ковид-19 се одвива со актелното темпо, по 20.000 луѓе дневно, реално е да се очекува до 25 јули да биде постигнат колективен имунитет.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, проф. Витанов истакна дека според математиката, запрено е дифузното ширење на Ковид-19 во Бугарија. Само во четири од вкупно 28 окрузи во земјата сè уште се во меѓупростор. Основниот репродуктивен број вчера беше 0,77, а денеска е 0,82, што е далеку под еден, што значи дека инфекцијата се намалува, како и притисокот врз бугарскиот здравствен систем.

Помалку од 2.000 новозаболени се регистрирани на дневно ниво, а целта е тие да паднат под 500.

Проф. Витанов ја коментираше високата стапка на смртност во Бугарија, но предвидува дека и таа ќе се намали, а се очекува да падне под 100 на дневно ниво.

Тој увери дека со масовна вакцинација се очекува мирна летна сезона во Бугарија.