Деви Шридхар, американска научничка, професорка и раководителка на Одделот за глобално јавно здравје на Универзитетот во Единбург, напиша есеј за „Гардијан“ за насоката кон која треба да се движат европските земји во пандемија по појавата на омикрон.
На почетокот на пандемијата, Шридхар се залагаше за строги епидемиолошки мерки, но таа вели дека нејзините ставови еволуирале заедно со развојот на нашите алатки и оружја против коронавирусот, првенствено вакцините и опаѓачкиот ризик од хоспитализација и смрт.
Нејзиниот есеј објавен во „Гардијан“ го пренесуваме во целост
„Науката го трансформира Ковид од смртоносен вирус во многу помалку сериозна болест“
Одложувањето и спречувањето на инфекцијата што е можно повеќе беше исплатлива и вредна на трудот стратегија за време на оваа пандемија. На почетокот на 2020 година, имаше малку медицински третмани, тестирањето беше ограничено и немаше вакцини.
Цехот од „локдаунот“ беше висок, но напорот околу купувањето време се исплатеше. За тоа време, науката го трансформира Ковид од смртоносен вирус во многу помалку сериозна и гадна болест – таква што огромното мнозинство од вакцинираните можат да се лекуваат дома. Тоа вирусот, воглавно, го обезвредни.
Но, иако имавме успех во лекувањето и спречувањето на сериозни инфекции, САРС-КоВ-2 станува сè позаразен. Податоците на Националното биро за статистика покажуваат дека едно од 15 луѓе во Англија е позитивно, а слични бројки има и во другите три земји од Обединетото Кралство.
Преиспитување на политиката за изолација
Иако добрата вест е дека омикрон води до помалку тешки форми и помалку хоспитализирања, толку многу луѓе се заразени и изолирани, што виталните служби се борат за персонал. Ова е она што ги тера националните влади да ги преиспитаат политиките за изолација и да се прашуваат дали се тие поголема непријатност од самиот вирус.
Во Англија, премиерот во средата објави дека ограничувањата, вклучително и обврската за носење маска, ќе бидат укинати од следната недела, а барањата за самоизолација ќе бидат ревидирани во март. Мислам дека тоа е воглавно разумно – сите влади се соочени со прашањето како да пристапат кон ова ново опкружување.
За политичарите, тоа е нешто како авион што слетува на лизгалиште. Горивото на трпението на јавноста е при крај, трошењето во форма на економска и социјална штета се акумулира во текот на две години репресија, затворање и стискање. Потребата од слетување е очигледна и имаме алатки за тоа, но сепак тоа се уште е незгоден подвиг во сегашните услови.
Три табори на научници
Сега очигледно има три табори на научници кои изразуваат мислења за тоа што се случува и што да се прави во наредните недели. Ова може да ја збуни јавноста.
Се чини дека првата група сè уште го гледа вирусот како истиот смртоносен патоген од март 2020 година, и покрај големиот научен напредок, и предлага крајно претпазливи мерки. Други велат дека цело време биле во право за фактот дека масовната инфекција е неизбежна. Оваа група ја игнорира драматичната разлика што ја прават масовните вакцини и медицински третмани – избегнувањето на сериозно заболување Ковид-19 сега е сосема поинакво отколку во 2020 година.
Третата група, во која сум и јас, се предомисли, бидејќи податоците и алатките, имено вакцините и терапии, исто така еволуираа и го трансформираа Ковид-19 во нешто повеќе слично на другите заразни болести што ги контролираме и управуваме. Мојата анализа постојано одговараше на најновите докази.
Имаме безбедни и ефективни вакцини
Прво, сега имаме безбедни и ефективни вакцини кои го штитат огромното мнозинство луѓе од хоспитализација и смрт. Неодамнешните податоци на Британската агенција за здравствена безбедност покажуваат дека веројатноста невакцинираните лица да бидат хоспитализирани за Ковид-19 е меѓу три и осум пати поголема.
На почетокот на бранот Омикрон, њујорчаните кои не биле вакцинирани имале повеќе од осум пати поголеми шанси да бидат хоспитализирани отколку нивните сограѓани кои биле целосно вакцинирани. Доколку сите на кои им беше понудена вакцината и засилената (бустер) доза ја прифатат, пандемијата во побогатите земји ќе заврши.
Иако сегашните вакцини не заштитуваат од инфекција, се вложуваат големи инвестиции во вакцините од следната генерација кои нудат стерилизирачки имунитет, што значи дека целосно ја запираат инфекцијата со две дози.
Доаѓаат лекови
Понатаму, имаме предвид интересни домашни третмани за Ковид-19, од кои два се издвојуваат. Првиот е „Паксловид“ на „Фајзер“, а вториот е „Молнупиравир“ на Мерц. Научниците и двете ги сметаат за револуционерни бидејќи податоците од раните истражувања покажаа дека тие значително ги намалуваат шансите за хоспитализација и смрт кај пациенти со висок ризик.
На овие таблети не влијаат новите варијанти како што е омикрон, бидејќи тие не го таргетираат спајк-протеинот каде што се случиле повеќето мутации. И за разлика од вакцините, кои мора да се земаат неколку недели пред инфекцијата за да бидат ефективни, овие третмани можат да помогнат во борбата против активните инфекции.
Антивирусните лекови мора да бидат поврзани со добар дијагностички систем бидејќи таблетите треба да се земаат што е можно поскоро по потврдувањето на дијагнозата и појавата на симптомите на Ковид-19. Тоа значи дека ни треба ефикасен систем за тестирање, добивање рецепт од медицинско лице и започнување третман со орални таблети.
Поради тековните проблеми со снабдувањето наместо општата популација, тие ќе бидат насочени кон постарите лица и оние кои се поранливи поради здравствени состојби како што се срцеви заболувања, рак или дијабетес.
Треба да тестираме, вакцинираме и да се бориме со дезинформациите, но и да ја преиспитаме изолацијата
Што значи сето ова во однос на живеењето со Ковид-19? Треба уште да тестираме. Сè уште треба да се вакцинираме и да се бориме против дезинформациите. Треба да ги охрабриме луѓето да носат медицински маски, како што е N95, во преполни и затворени простори. Работодавачите мора да ги препознаат и поддржат вработените кои се членови на заштитени групи. Исто така, треба да ја преиспитаме изолацијата и другите мерки за да ги зачуваме безбедни, но и за помалку да го нарушиме функционирањето на општеството.
Сè уште ќе треба да го следиме Ковид-19 во јавното здравство, како и други болести. Кога луѓето велат дека ќе биде „ендемски вирус“, не значи дека е безопасен. Ендемично значи дека ја прифаќаме циркулацијата на болеста бидејќи елиминацијата или искоренувањето се смета за премногу тешко.
Маларијата, денга треската и сипаниците се ендемични во одредени делови од светот, иако сите тие се сериозни болести. Маларијата беше ендемична во САД се додека владата не одлучи да ја елиминира.
Јавното здравје не е само прашање на една болест
Ова е дел од поширокото прашање за тоа колку продолжуваме да ги менуваме „нормалните“ општествени односи во однос на циркулацијата на вирусот САРС-КоВ-2. Луѓето се друштвени, треба да се гушкаат, да танцуваат, да пеат и да си ги препознаваат лицата и насмевките. Чувството на заедништво и поврзаност е исто така од витално значење за здраво општество. Јавното здравје не е прашање само на една болест, туку на општа благосостојба, која вклучува ментално здравје и способност да се плаќа кирија, да се прехрани семејството, да се загрее во текот на зимата и да се игра значајна улога во општеството.
Забавувањето на ширењето на вирусот САРС-КоВ-2, дури и целосното запирање во одредени земји, помогна да се спасат животи. Со ова се достапни две трансформативни антивирусни таблети. Тоа им овозможи на лекарите да развијат подобри начини за лекување на пациентите и подобро да разберат со што се соочуваме. Ова обезбеди подобро разбирање на преносот и ризикот.
Но, сега, по две години од оваа пандемија, треба да најдеме подобар начин да живееме со САРС-КоВ-2 користејќи ги алатките што ги имаме. Создадовме начини да го намалиме влијанието на Ковид-19. И сега е време да започнеме да се опоравуваме и заздравуваме како општество и да одиме напред, третирајќи го овој вирус, како и другите закани од заразни болести, заклучи Деви Сридар.