Со одлука на Владата прогласена е кризна состојба во затворот „Идризово“ поради спречување на безбедносни закани.

Ова се случува по информациите во изминатиот период за недостаток на чувари во казнено поправната установа.

Одлука е донесена на владината седница одржана во вторникот и веќе е во сила по нејзиното објавување во Службениот весник.

Со оваа одлука се утврдува постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Македонија, и тоа на подрачјето на Општината Гази Баба на кое Казнено-поправната установа Казнено-поправен дом Идризово ја врши својата надлежност, заради спречување на безбедносните закани и зајакнување на обезбедувањето на установата, гласи текстот на одлуката

Од органите на државната управа се бара да преземат мерки и активности согласно прописите за управување со кризи, а од главниот штаб за управување со кризи при ЦУК, да ги следи состојбите, да координира со активностите и редовно да ја информира Владата.

Кризната состојба ќе трае во следните 30 дена.

Центарот за управување со кризи, претходно денес објави дека припадници на МВР и Армијата ќе го обезбедуваат затворот поради недостаток на чувари.

Од ЦУК образложија дека еден од главните проблеми со кои се соочува „Идризово“ е недостигот на кадар во затворот. Велат дека бројот на вработени лица во затворската полиција е недоволен за да ги задоволи секојдневните потреби и активности.

Ќе се бара начин за вработување нов кадар, кој ќе биде одговорен за безбедноста и за ресоцијализаицијата на затворениците.