Во вторник, 21 јануари, со почеток од 19 часот, во Кинотека на Македонија, ќе се одржи промоција на книгата „Гледна точка“ на авторот Јани Бојаџи, македонски режисер, продуцент и сценарист.
,,Дали навистина сум таков во текот на работа на сет или пак можеби не сосема? Со нетрпение чекам да видам дали е така како што сум пишувал?’’ ,вели Бојаџи во најавата за промоцијата на книгата.
Водител на настанот ќе биде Александар Русјаков, а искуства ќе споделат и неколку актери, директори на фотографија и монтажери, соработници на Бојаџи.
Авторот најавува и специјално изненадување за сите кои ќе дојдат на промоцијата и ќе бидат дел од забавата. Ќе биде покажан трејлер од долгочекуваниот нов проект „Утре наутро“!
„Книгата ,,Гледна точка” навидум зборува за работи за кои зборуваат, повеќе или помалку, на овој или оној начин, и сите многубројни учебници по режија и слични прирачници: основите на филмската режија, работата на режисерот, соработката со кинематограферот, со продуцентите, актерите итн. Но, она што ја прави оваа книга посебна, специфична, е тоа што таа е сосема лично видување на авторот на сите овие процеси, кое произлегува од неговото образование и досегашното работно искуство на филмот и телевизијата. Оттаму, и јазикот на книгата е искрен, отворен и авторот без задршки, храбро, анализира многубројни теми кои влегуваат во неговиот фокус, изнесувајќи сосема лични ставови и констатации. Оттаму, не случајно и книгата завршува со ставот на авторот: „Ова е мојата гледна точка!“ вели д-р. А. Чуповски.