Во кафе-книжарницата „Буква“ вечер ќе се одржи промоција на постхумно објавената збирка есеи: „Интелектуалци, политика, култура“ на скопската легенда Данило Коцевски. Збирката е во издание на издавачката куќа „Бегемот“, а промоцијата ќе се одржи во рамките на литературниот фестивал „АртАреа“.
Книгата „Интелектуалци, политика, култура“ е последното критичко-есеистичко дело на Данило Коцевски кој на својот единствен и оригинален начин, преку своите текстови ги анализира основните прашања на денешното живеење – каква е и во што се состои политичката улога на интелектуалците денес, и каков е нивниот однос кон политиката, општеството и културата. Збирката есеи изобилува со критички опсервации на низа актуелни случувања од областа на литературата, културата, политиката, филозофијата и урбаните феномени. Всушност, книгата „Интелектуалци, политика, култура“ дава луциден коментар за интелектуалната и политичката состојба кај нас и во светот.
Промотор на книгата ќе биде литературниот критичар, писател, поет и универзитетски професор, Владимир Мартиновски, а свое учествуво ќе земат и младите писатели: Дарко Лешкоски, Катерина Гогова и Васко Марковски.