Во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани вчера беше промовиран романот „Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски, посветен на љубовта на Гоце Делчев и Јанка Каневче. Романот е добитник на „Рациновото признание“ за 2022 година. Промотор ќе биде проф. д-р Весна Мојсова – Чепишевска а специјален музички гостин Драган Мијалковски, кој ексклузивно пред кочанската публика ќе ја отпее „Кукни, кукни кукавице“, омилената песна на Гоце Делчев.

Големата љубовна одисеја на Гоце и Јанка почнала кога таа имала дваесет и две а тој дваесет и осум години. Траела речиси три години, до крајот на неговиот живот. Планирал да се ожени со неа веднаш по Илинденското востание, но не успеал да го преживее предавството. Неколку месеци пред убиството во Баница му оставил аманет на својот пријател Герџиков, ако тој загине, Герџиков да се венча со Јанка, но само „ако се родат некакви чувства“.

Дали се родиле такви чувства е едно од прашањата што ги поставува романот.

Во романот за првпат се објавуваат автентични сведоштва „за тајните средби на Гоце и Јанка, за интимните моменти, за плановите што ги имале, за венчавката што ја замислувале, но и за траумите на Јанка од загубата на саканиот, за болеста што ја разјадува, за лузните што ги чувствува до крајот на животот распната меѓу она што го носи во срцето и она што го живее како судбина“.