По повод јубилејот – 100 години од раѓањето на македонскиот великан, Блаже Конески, АД „Пошта на Северна Македонија“ денеска ќе промовира пригодна поштенска марка.
На промоцијата, која ќе се одржи во дирекцијата на Македонска пошта – шалтер сала, како што е најавено, ќе се обратат претседателот Стево Пендаровски, министерката за култура Ирена Стефоска, генералниот директор на АД „Пошта“ Јани Макрадули и универзитетскиот професор и претседател на Советот за македонски јазик Људмил Спасов.
Настанот, како што информираат организаторите, е дел од програмата на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“ која се одвива под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, Министерството за култура, а во соработка со Министерството за образование и наука. Стогодишнината од раѓањето на Конески е запишана и во календарот на значајни јубилеи подржани од УНЕСКО.