Македонската книжевна сцена е збогатена со ново дело кое ветува дека ќе остави траен впечаток – „Гледна точка“ на познатиот режисер, продуцент и сценарист Јани Бојаџи.

Оваа книга, спојува научна анализа со белетристички елементи, со што е наменета за сите љубители на филмската уметност, без разлика дали се професионалци или ентузијасти.

Книгата „Гледна точка“, која беше промовирана во Кинотеката на Македонија, е комплексно дело што ја истражува уметноста и техниката на филмот од научен и практичен аспект.

Бојаџи успева да ја прикаже кинематографијата низ призма која ќе инспирира и професионалци и љубители, со што создава дело што е истовремено и учебник и извор на инспирација. Како што истакнува авторот: „Книгата од научен аспект го обработува проблемот на кинематографијата, на филмот, поточно на режисерот како генератор на сите проблеми во уметноста на филмот. Но, ја адаптирав на ниво на белетристика за да може да ја чита не само читател кој е инволвиран во уметноста на филмот, туку и најобичен читател.“

Промоторот на книгата, Александар Русјаков, истакна дека „Гледна точка“ нуди можност за читање на повеќе нивоа: како стручна литература, како учебник за студентите и како инспиративно дело за сите љубители на филмот.

„Кога ја земав книгата, првата мисла ми беше дека се наоѓам пред научно дело кое бара концентрација и посветеност. Но, како што напредував низ страниците, сфатив дека тоа не е обично научно четиво. Тоа е книга што се чита со леснотија и инспирација, бидејќи секоја страница носи нова перспектива и ново разбирање на филмската уметност. Она што Бојаџи го постигнал е нешто што ретко се гледа – спој на длабока стручност и лесен, наративен стил кој ги повикува читателите да размислуваат, но и да се восхитуваат,“ додаде Русјаков.

Со многу љубов и посветеност, Бојаџи ја напишал книгата врз основа на трудови објавувани во научни списанија во последните десет години. Во неа, како што самиот истакнува, се содржани стотици цитати од познати филмски дела и автори, што дополнително ја збогатува и ја прави привлечна за сите кои сакаат да проникнат подлабоко во светот на кинематографијата.

Со „Гледна точка“, Јани Бојаџи не само што ја збогатува македонската книжевна сцена, туку и поставува нови стандарди во интердисциплинарниот пристап кон уметноста. Ова дело, кое носи уникатна комбинација на научен и литературен израз, несомнено ќе привлече широка читателска публика и ќе остави значаен печат во областа на филмската уметност.