Пет лица загинаа во хеликоптерската несреќа во Италија, а двајца патници се уште се водат за исчезнати, два дена откако леталото исчезна од радарот, јави денеска Еугенио Џани, гувернер на регионот Тоскана.
Џани на Фејсбук напиша дека хеликоптерот се урнал во планинска област на границата меѓу Тоскана и регионот Емилија Ромања и дека денеска се пронајдени телата на пет лица.
Хеликоптерот во четвртокот полетал од тосканскиот град Лука и се упатил кон северниот италијански град Тревизо.
Хеликоптерот исчезнал од радарот над ридесто и шумовито подрачје, каде што бил зафатен од лошо време.
Во хеликоптерот имало седум лица, меѓу кои и четворица турски претприемачи кои работеле за Eczacibasi Consumer Products, подружница на големата турска индустриска групација, Eczacibasi. Другите двајца патници биле либански државјани.
Сите се враќале од саем во Италија, се наведува во соопштението на компанијата.