При градежни работи за замена на водоводни цевки и модернизација на трамвајските шини на авенијата „Реженс“ во централниот дел на Брисел откриени се околу 30 скелети кои датираат од периодот на средниот век.

Според археологот од бриселскиот Кралски музеј на уметноста и историјата, Валери Геские ова „важно археолошко откритие“ е на локација на која во периодот од 14-от до 18-от век биле погребувани починати пациенти од некогашната болница „Сен Жан“ што се наоѓала во непосредна близина.

– Постепено ги расчистуваме скелетите што се појавуваат, еден по еден кога е тоа можно, но тие често се помешани еден со друг, изјави Геские за белгиската државна телевизија РТБФ, кој на истражување на откриената локација работи со студенти од Слободниот универзитет од Брисел (УЛБ) и Католичкиот универзитет од Лувен (КУЛ).

Геские додава дека оваа откритие одново на површината истакнува делови од историјата на градот поврзана со животот на неговите сиромашни жители, кои не се закопани на парохиските гробишта, тука на оваа локација.

– Значи, се работи за многу специфичен дел од населението, додаде Геские.

 

Според историчарот во Одделот за археологија на Регионалната управа на Брисел (Урбан Брисел), Марк Меганк, откако ќе бидат извадени и измиени, пронајдените човечки коси ќе бидат однесени на анализа во Антрополошкиот оддел на Институтот за природни науки.

– Да се проучуваат скелети е навистина многу интересно. Можеме да следиме патологии, болести и недостатоци во исхраната. Така можеме подобро да го разбереме населението што живеело во Брисел, истакна Меганк.

Истражувањето на овој локалитет се предвидува да трае во наредните неколку недели, некаде до втората половина на мај.