Инвестицијата од 750 милиони евра за изградба на луксузен хотел и резиденцијален комплекс со брендот „Трамп“ во центарот на Белград пропадна откако Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, се повлече од проектот, потврди денеска српскиот претседател Александар Вучиќ.
Проектот беше планиран на локацијата на зградата на поранешниот Генералштаб, објект во централното градско подрачје кој беше бомбардиран за време на НАТО-интервенцијата во 1999 година, а требаше да вклучува хотел и резиденцијален комплекс под брендот „Трамп“.
– Ова е неверојатно сериозна и лоша вест, изјави Вучиќ пред новинарите.
Повлекувањето на Кушнер претходно го објавија „Волстрит Џурнал“ и „Њујорк Тајмс“, повикувајќи се на портпароли на неговата инвестициска компанија „Афинити Партнерс“.
Плановите за реализација на проектот, кои предвидуваа уривање на оштетената зграда на поранешното Министерство за одбрана и Генералштабот на Југословенската армија, предизвикаа протести во Србија и дополнително го зголемија политичкиот притисок врз владата.
Одлуката на Кушнер дојде само неколку часа откако српските антикорупциски обвинители поднесоа обвинение за фалсификување против министерот за правда Никола Селаковиќ, близок соработник на Вучиќ. Според обвинението, било фалсификувано одобрението за отстранување на статусот на објектот како културен споменик, пренесува ДПА.
Реагирајќи на повлекувањето на инвеститорот, Вучиќ, чија влада веќе се соочува со протести, ги обвини демонстрантите дека ја поттикнале одлуката и дека со своите постапки ѝ нанесуваат штета на Србија.
Тој најави дека ќе покрене судска постапка против обвинителите кои го поднеле обвинението против Селаковиќ и другите функционери, тврдејќи дека со тоа ѝ била нанесена „огромна штета“ на државата.




