Националната српска радиотелевизија (РТС) денеска најави нова епизода од емисијата „Квадратура на кругот“, во која се тврди дека „Мијаците во Македонија се старо српско племе“.
– Мијаците се старо српско племе што и денес живее во Македонија. Ги задржале обичаите на Немањиќи, а се верува дека го изградиле Хиландар. Денес меѓу нив само малцинство се изјаснуваат дека се од српска националност, мнозинството се Македонци, а оние што држат до тоа дека се Бугари практично и ги нема, рече денеска во најавата во утринската програма, во која гостуваше авторот Бранко Станковиќ.
Во емисијата се говори за организацијата според племенски принцип, за животот во големи заедници, во големи куќи, за 120.000 овци во само четири мијачки села пред еден век, при што мнозинството домаќини имале најмалку 5.000, за извозот на кашкавал во Америка, каде што имале свое претставништво и за манастирот „Св. Јован Бигорски“ како средиште на нивниот духовен живот.
– Јас не ја отворив таа приказна, јас се држев до зборот на науката, на сериозни истражувачи, на Јован Цвииќ, на Тома Смиљаниќ, кои истражувале пред еден век, кога сè уште имале целосен допир со српските корени, вели Станковиќ.
Наспроти овие српски пропагандни присвојувања, Мијаците се чувствуваат како нераскинлив дел од македонското ткиво. Тие се населило во долнореканскиот регион на Македонија во 5 и 6 век. Освен по сточарството, тие биле надалеку познати и како вешти дрворесци, ѕидари и иконографи.
Новата епизода на РТВ Србија е најавена за емитување в сабота.