Основното јавно обвинителство Скопје ја прошири истрагата за случајот со кражба на кабли и оштетување на јавните инсталации во кругот на фабриката „Железара“, при што под истрага е опфатен и полициски службеник од МВР.
Според обвинителството, против полицискиот службеник е донесена Наредба за спроведување истражна постапка поради основано сомнение за тешка кражба согласно член 236 став 4 во врска со став 1 точка 1 од Кривичниот законик. Тој се сомничи дека бил соизвршител со тројцата лица против кои пред околу десет дена беше поднесено обвинение.
Според досегашните сознанија, групата крадела високоенергетски и среднонапонски кабли од објектот на „Полуконти – ИГМ“ и од подземните тунели во „Железара“, преку кои се напојуваат со електрична енергија компаниите АД ЕСМ – Подружница Енергетика Скопје и Макстил АД Скопје.
Вкупната вредност на украдените кабли се проценува на околу 440.000 евра.
Осомничените, откако со апарат проверувале дали каблите се под напон, ги сечеле со батериска брусалка и ги складирале до влезот од тунелите. Поради нивните дејствија, на 9 април избувнал пожар во трафостаницата ТС „Југ“, со што била предизвикана дополнителна штета од над 100.000 евра.
Поради дефектите не се реализирало планираното производство и дистрибуција на електрична енергија, што предизвикало уште околу 60.000 евра загуби.
Јавниот обвинител побарал од судијата на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје да му биде определена мерка притвор и на новоосомничениот полициски службеник, како и на неговите тројца соизвршители, кои веќе се во притвор поради опасност од бегство, влијание врз сведоци и можност за повторување на делото.




