Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари проштална средба со Џери Дибл, претставничка на УСАИД во државава на која присуствуваше и амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела Агелер.

Заблагодарувајќи ѝ се на Дибл за посветениот ангажман и придонесот во унапредувањето на односите и соработката меѓу двете пријателски земји, претседателката истакна дека различните американски програми и проекти за соработка, оставија видлив белег во земјава. Дел од нашиот развој во повеќе области, како што додаде таа, се должи на фондовите на УСАИД и затоа државата очекува да завршат започнатите проекти.

Сиљановска-Давкова ја потврди подготвеноста за натамошно проширување на билатералните релации и за продлабочување на македонско-американското пријателство, имајќи предвид дека со САД како наш стратешки партнер, имаме неискористени потенцијали за јакнење на соработката во сите области, а особено во економијата.

Разговарајќи за македонскиот евроинтегративен процес, Сиљановска-Давкова искажа благодарност за континуираната поддршка од САД, како и верување дека со помош на новата администрација ќе ја прошират и продлабочат економската соработка.

На средбата, Дибл посочи дека во изминатите 30 години, преку бројни проекти, УСАИД во државава инвестирала 900 милиони долари. Имајќи ги предвид последните кратења на средствата за помош, таа истакна дека заедно со американската амбасада и со други донатори ќе се обидат да најдат начин да се реализираат започнатите проекти и активности, со цел да не се изгубат досегашните придобивки од нив.

Амабасадорката Агелер искажа разочараност што се затвора Канцеларијата на УСАИД во земјата и истакна дека Амбасадата, заедно со Владата и со други партнери, ќе продолжи да се залага за финализирање на започнатите програми.
Share