Незадоволни од откупните цени и проценката на тутунот денеска тутунари од селата Градашорци и Ангелци со мирен протест пред откупни пунктови во селата побараа повисоки откупни цени и укинување на четвртата класа.
Тутунопроизводителите реагираат на зголемените одбитоци и ценење на тутунот во четврта класа.
-Нашиот тутун од село Радичево е квалитетен. Сметам дека треба да биде проценет во втора класа, а на трета и четврта. Ако е гнил нека го проценат како „четворка“. Лани истиот тутун беше „тројка“, а годинава го проценуваат во четврта класа. Ни даваат по 150 денари за еден килограм тутун, колку една кутија цигари. Лани одбитокот беше 3 проценти, годинава е 10 отсто, рече производител на тутун од селото Радичево.
Марјан Трајков, претседател на Здружението „Басмак“ од село Василево, информира дека заклучно со вчера, кога законски требаше да бидат отворени откупните пунктови, во Струмичкиот регион се отворени сите, а четири компании годинава вршат откуп на тутунот.
Според него, квалитетот на тутунот е послаб квалитет од лани, а тутунарите, покрај ниските откупни цени, се незадоволни и од работата на поверениците, кои не ги штителе нивните интереси.
Годинава компаниите и тутунопроизводителите склучија договори за откуп на 23 милиони килограми тутун, што е за околу 3 милиони килограми помалку од лани. Според откупувачите тоа се должи на залихите кои ги имаат од лани и помалата побарувачка на пазарот.