Бугарската партија ВМРО-БНД денеска организирала протест, при што симпатизери и членови на партијата околу еден час го блокирале патот кон граничниот премин Ѓуешево- Деве Баир, поради како што велат, несогласување со политиката на бугарското владеачко мнозинство кон Македонија.
По интервенција на полицијата, една од коловозните ленти била расчистена и етапно се пропуштале автомобилите и камионите.
-Денеска се навршува една година од усвојувањето на планот „Макрон“ од страна на актуелната владејачка коалиција – ГЕРБ, ПП и ДПС, наводно со благородна цел како тој ќе ги подобри односите меѓу двете земји и ќе ги реши проблемите. Но, се случува токму спротивното, рекол почесниот претседател на партијата и поранешен бугарски вицепремиер, Красимир Каракачанов.
Тој, како што пренесуваат медиумите, натаму додал:
-Во оваа една година бевме сведоци на палење и пукање со пиштоли по бугарски клубови, тепање Бугари, донесен закон во Собранието на Скопје за забрана на бугарските здруженија и агресивна антибугарска кампања. Ова што се случува во РС Македонија е отворена провокација кон Бугарија, бидејќи бугарските политичари под надворешен притисок го прифатија т.н. план „Макрон“, изјавил тој.
Каракачанов објаснил дека барањата на граѓаните се францускиот предлог-преговарачка рамка да биде отфрлен од бугарскиот Парламент и Софија да наметне цврсто и јасно вето врз основа на Договорот за добрососедство потпишан на 1 август 2017 година.
Во меѓувреме, бугарската полиција им изрекла парични казни на Каракачанов и уште седуммина кои го блокирале сообраќајот. Ќе треба да платат по 100 лева бидејќи немале дозвола и не го пријавиле протестот во полиција, пренесуваат бугарските медиуми.