Кога ќе ги добијат заостанатите плати за март и април што ги заработиле прекувремено, прашаа денеска јавно поранешните работнички во конфекцијата „Маседониа гармент индустри“ (МГИ) на мирниот собир пред фабриката во скопската населба Кисела Вода.
Работничките најавија дека утре повторно ќе протестираат. Подготвени се да одат до крај и веруваат во правен исход, иако, како што нагласија, судските трошоци се огромни. Во врска со отказите, пак, што неодамна ги добија, се пожалија дека биле присилени да ги потпишат.
– Ни ги пикнавте изјавите под нос, но да ги пишуваме своерачно, диктирани од вас: Јас таа и таа своеволно давам отказ од лични причини, потпис и дата денешна – кажуваше правничката. Дојдовме по отказите, ве баравме да излезете да ни кажете кога точно плата, господине Марсел, зошто три недели не лажевте, парите се тргнати, патуваат, да легнат на сметка и ќе ве исплатам, рече поранешната работничка Моника Стојановска.
Според неа, едно одење на суд чини 10.000 денари, за едно рочиште, додека подготовката на документација за секој работник посебно е 7.000 денари.
Како што објавивме деновиве, без работа остануваат 130 текстилни работнички од оваа фабрика, на кои им било соопштено дека фирмата се затвора. Сопственик на фабриката е Холанѓанецот Марсел Мелес, сопруг на актерката Синоличка Трпкова. Нема информации зошто се прекинува производството и што ќе биде со неисплатените плати, а дел од работничките сметаат дека газдата го сели бизнисот во соседството.