Членови на Здружението „Агроцентар“ од Велес  поддржани од земјоделско сточарските здруженија од Прилеп, Битола, Преспа и од Овчеполието денеска пеш носејќи пароли и со трактори тргнувајќи од населба Превалец по главната градска  улица во новиот дел на градот, се упатија  пред зградата на Подрачната едниница на МЗШВ, каде го одржаа најавениот мирен протест, барајќи повисока откупна цена на јагнињата и побрза исплата на парите за субвенции.

Претседателот  на Здружението „Агроцетар“ Митко Јанков на протестот ги информира сточарите дека протестот го ставаат во мирување се до завршување на претседателските избори. Појасни дека вчера добиле ветување од МЗШВ и останатите надлежни институции за експресна исплата на субвенцииите, како  и покривање на разликата меѓу производната и пазарната цена за килограм јагне веднаш по завршување на изборите.

-Ни ветија дека субвенциите ќе бидат експресно исплатени на сите и на оние што имале контроли, затоа  што ја знаат тежината на сточарите. Тоа ни е ветено од МЗШВ и останатите надлежни институции за земјододелство и Агенцијата за храна и ветеринарство. Јас им верувам и ве повикувам и вас да се стрпите и да почекаме два месеци да се решат нашите проблеми, потенцира Јанков.

Зоран Наковски раководител на ПЕ на МЗШВ од Велес,  по одржаниот состанок на здруженијата на сточари  со МЗШВ и Институтот за сточарство информира дека било договорено здруженијата на сточарите  да пополнат прашалник  за сите трошоци што ја формираат производната цена. Потоа  истата ќе се спореди со анализите на МЗШВ, а  со цел да се дојде до реална цена за да се подготви соодветно решение за одгледувачите на овци.

Тој посочи дека МЗШВ и Владата ја следат состојбата со откупот на јагнето и нема да дозволат сточарите да прават загуби. Воедно, информира дека МЗШВ континуирано работи на воспоставување на контакти за нови пазри за извоз на јагнешко и дека веќе течат преговори за добивање на квота за извоз на јагнешко на турскиот пазар.

Наковски воедно ги информира сточарите дека откупот на јагниња допрва почнува од 1 април кога е шпицот на сезоната и дека сите јагниња ќе бидат откупени, за што добиле ветување од откупувачите на јагниња.

Дел од сточарите од Свети Николе и од Прилепско изразија недоверба дека ќе им бидат исполнети ветувањата, бидејќи, велат и минатата година им било ветено истото, но не добиле ништо, а дел со недоверба гледаат и на ветувањето за брза исплата на откупените јагниња, за што според некои, се чекало и повеќе месеци.