Протестите, 11-ти по ред, почнаа попладнево во Франција, каде граѓаните протестираат против усвоената пензиска реформа, јавија локалните медиуми.

Весникот „20 минути“ објави дека поворка демонстранти започнала прошетка низ Париз и дека пред почетокот биле приведени осум лица и извршени над 1.330 проверки.

Инциденти избувнале во Рен каде полицијата употребила солзавец за да ја растера толпата, додека група демонстранти во Марсеј упаднале на главната железничка станица и застанаа на шините за да го попречат сообраќајот.

Во Лил на северот на Франција е забележан помал број собрани луѓе. Онлајн телевизијата BFMTV објави дека утрово накратко бил блокиран еден терминал на меѓународниот аеродром Роаси-Шарл де Гол во Париз.

И покрај овие немири и блокади, штрајкот и одговорот на граѓаните е од помал обем. Осум отсто од вработените во образованието штрајкуваат.

Властите проценуваат дека во текот на денот ќе има од 600.000 до 800.000 собрани, од кои 60.000 до 90.000 ќе бидат во Париз. На претходните протести имаше повеќе од милион луѓе.

11.500 полицајци и жандарми се распоредени низ цела Франција.

На 20 март, француската влада усвои закон за пензиските реформи користејќи го уставното право да го заобиколи парламентарното гласање.

Следен чекор е изјаснувањето на Уставниот совет кој на 14 април ќе го изнесе својот став за уставноста на законот.

Претседателот Емануел Макрон, кој е во посета на Кина, денеска изјави дека реформата, која е многу непопуларна меѓу народот, „го следи нејзиниот демократски курс“.

Меѓу другото, реформата предвидува подолг работен век од две години, пензија на 64, наместо на 62, на што се противат граѓаните.