Денес, 27.04.2023, со почеток во 12:30 часот, Македонската филхармонија ќе одржи протест пред Министерството за култура по повод одлуката новоформираната национална институција Џез оркестар на Македонија привремено да биде сместена во објектот на НУ „Филхармонија“.
„Министерството за култура оваа одлука ја донесе без никаква консултација со нашата институција, заткулисно, тајно и без никаква поширока дебата, што за нас, е крајно поразително и деградирадирачки. Изминативе недели, нашиот глас, за жал не допре ниту до Министерството за култура, ниту, пак оттаму покажаа елементарно разбирање за суштинските проблеми кои ќе настанат доколку оваа одлука остане непроменета.
Иако дел од стручната и пошироката јавност укажаа на последиците од носењето на оваа одлука, Министерството за култура до сега, не појави интерес за решавање на проблемот.
Бидејќи неправедно сме ставени во ситуација да се браниме од оние кои треба да ја заштитат нашата културна институција – најстара во земјава, одлучивме нашето незадоволство да го изразиме преку мирни протести кои ќе се одржуваат до конечната промена на оваа одлука“ – велат од синдикатот на Македонската филхармонија.
Како што е познато, во еуфоријата со смена на името на Македонија, по договорот со Грција, придавката „македонска/ македонски“ беше заменето со „национална“ и на Македонската филхармонија.