Содржината на билатералниот протокол меѓу Македонија и Бугарија се уште се држи во тајност, вели ТВ Сител во својот прилог. Документот, во кој всушност се наоѓаат најголемиот дел од бугарските барања вклучувајќи ги и оние најчуствителните, се уште е непознаница за македонската јавност.
Неговата содржина не се објавува и покрај најавите на министерот Османи дека тоа ќе се случи во најбрз рок.
Што е договорено за историските прашања, говорот на омраза и рехабилитацијата на жртвите од комунизмот засега не се знае.
Протоколот, кој е дел од францускиот предлог за почеток на преговори официјално не е потпишан, а денеска според најавите, бил тема на разговор на онлајн средбата Османи – Генчовска.
Од македонското МНР ниту потврдуваат, ниту демантираат ваков состанок на шефовите на дипломатиите, ниту пак има информација за денешната агенда на министерот.
Според најавите, Османи и Генчовска не разговарале за преговарачката рамка, туку за содржината на протоколот, кој, како што најави претходно и македонскиот министер, ќе биде потпишан веднаш штом Владата ќе го одобри целиот пакет.