Протопрезвитер Ивица ТОДОРОВ
Причината за големата криза во која денес се наоѓа бракот и семејството во нашето македонско општество, пред се и над се, ја гледам во тоа што огромен процент од нашите современици не сакаат да учат за љубовта, животот, бракот и семејството туку сакаат веднаш, неподготвени, да ги конзумираат, и тоа онака, површно, егоистично и себеугодливо.
Но, духовните закони ни велат дека такво нешто не може да помине без одговорност, односно без криза, затоа што љубовта, животот, бракот и семејството не се наша своина, туку дарови што Творецот ни ги дарува, а ние преку учење, мудрост, духовност, жртва треба да ги внедриме во себе.
И навистина, доволно е да се погледнат статистиките и анализите за тоа колку се големи процентите на разведени бракови, абортирани (убиени) деца, крајно намалено раѓање на нови личности (наталитет), неплодност, брачни и семејни несреќи, полова и сексуална изопаченост (хомосексуализм, педофилија, лгбти – џендер идеологија), демоноподобен хедонизам (блуд, прељуба, перверзија, содомија) безживотност, бесмисленост, зависност од разни видови дроги, апатија, саможивост… и се затоа што сакаме да го живееме „својот” его – живот по „своја“ его – волја, за себе и според себе, за свое его – задоволство и за своја его – корист, а во исто време и свесноста и совесноста и Творецот ги забораваме или ги фрламе во ѓубре!
И, на што да се надеваме додека народот ни изумира?!