Во организација на Здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“ од Скопје денеска ќе се одржи штафетна трка за тимовите од македонскиот бизнис сектор, според правила и процедури прилагодени на здравствените протоколи за заштита на учесниците од Ковид 19.
За трката, како што е наведено во соопштението од Здружението „Прв со врв“, можеа да се пријават сите компании, организации, институции, здруженија, дипломатски претставништва и субјекти кои припаѓаат на деловно-општествената заедница, а се регистрирани и вршат дејност во Републикава.
Трката ќе биде штафета со четири измени, а компаниските тимови треба да бидат во мешан машко-женски состав, за да ја одразат реалната слика на секојдневниот работен амбиент во компаниите. Патеката е долга осум километри, односно секој учесник во својата измена ќе треба да истрча по 2000 метри.
Најбрзите три тимови на Business Run 2020 ќе бидат наградени со златна, сребрена и бронзена штафета, а ќе бидат наградени и двајцата најбрзи поединци во машка и женска конкуренција, оние кои истрчале најбрз круг.
Целта на оваа трка е заедничко спортско, рекреативно и деловно дружење помеѓу компаниите и јакнење на тимскиот дух помеѓу вработените.