Шпанија е прв полуфиналист на ЕУРО2020 совладувајќи ја вечерва Швајцарија на пенали со 3:1 во Санкт Петерсбург, откако четвртфиналната пресметка по 120 минути фудбал заврши 1:1.
Шпанија поведе со автоголот на Денис Закарија во осмата минута и го чуваше водството до 68 минута кога Џердан Шаќири донесе израмнување.
Швајцарците од 77 минута играа со фудбалер помалку поради директниот црвен картон за Ремо Фројлер, но одолеаја на шпанските напади до крајот на регуларниот дел и двете продолженија од по 15 минути.
Во пенал – серијата Марио Гаврановиќ и донесе почетна предност на Швајцарија, откако претходно Серхио Бускетс беше непрецизен, но Швајцарците потоа не ги реализира следните три удари од белата точка и на крајот не успеаја да го повторат подвигот од осминафиналето кога на пенали го елиминираа светскиот првак Франција.
Шпанија во полуфиналето во вторник ќе игра против победникот од вториот вечерашен четвртфинален дуел меѓу Белгија и Италија.
Полуфиналните двојки на ЕУРО2020 ќе се комплетираат утре со натпреварите меѓу Чешка – Данска и Украина – Англија.