Македонската фудбалска репрезентација денес од 18 часот на Националната арена ќе одигра пријателски натпревар со словенечката селекција.
Ова ќе биде прва проверка за подготвеноста на избраниците на селекторот Игор Ангеловски пред настапот на Европското првенство.
И фудбалерите и селекторот најавија игра без калкулации, без разлика на карактерот на натпреварот.
– Не сум тренер што многу експериментира. Македонија секогаш игра да победи без оглед дали натпреварот е пријателски или за бодови, изјави Ангеловски.
По подолго време навивачите ќе имаат можност да се вратат на трибините. За овој натпревар пуштени се десетина илјади билети, односно 30 % од капацитетот на стадионот, па фановите на „црвено-жолтите“ ќе имаат можност уште еднаш да им дадат поддршка.
– Ги повикуваме сите љубители на фудбалот и поддржувачи на македонската репрезентација да ги почитуваат мерките за заштита од Ковид-19 и да им бидат поддршка на „Рисовите“ за натпреварите од ЕУРО 2020, апелира Фудбалската федерација на Македонија.
Влезниците чинат 300 денари за Јужната трибина и 200 денари за Источната трибина.