Поранешниот американски претседател Доналд Трамп е во водство пред Џо Бајден,актуелниот шеф на Белата куќа, покажуваат резултатите од најновото истражување на јавното мислење, во пресрет на претседателските избори закажани за првиот вторник во ноември.

Како што пренесува Фокс њуз, ова е првото истражување на јавното мислење спроведено откако Трамп преживеа обид за атентат минатата сабота, кога беше полесно повреден (куршум му го повреди увото) и кога беше убиен напаѓачот Метју Томас Крукс (20).


Според анкетата на Ројтерс/Ипсос, Трамп има два процентни поени предност пред Бајден. За него би гласале 43 отсто од испитаниците, а за Бајден 41 отсто.

Она што загрижува е дека огромното мнозинство од испитаниците, кои исто така се регистрирани гласачи, се загрижени за „хаосот во Америка“. Дури 80 отсто од нив сметаат дека „земјата излегува од контрола“ по нападот врз Трамп.

Маргината на грешка во истражувањето е плус или минус до три проценти. Истражувањето е спроведено на вториот ден од Националната конвенција на Републиканците во Милвоки, каде Трамп го избра сенаторот од Охајо, Џеј-Ди Венс за свој кандидат.