Првата руска мисија на Месечината по 47 години заврши со неуспех откако леталото Луна-25 излета од контрола и се урна на површината на Месечината.

Руската државна вселенска агенција Роскосмос соопшти дека изгубила контакт со вселенското летало набргу откако се појавил проблем бидејќи леталото ја сменило орбитата пред слетувањето во саботата.

„Машината влезе во непредвидлива орбита и престана да постои, како резултат на судир со површината на Месечината“, се вели во соопштението на Роскосмос во неделата.

 

Неуспехот на престижната мисија го нагласува падот на Русија како вселенска сила од Студената војна кога Москва го лансираше првиот сателит во вселената Спутник 1, а советскиот космонаут Јуриј Гагарин стана првиот човек во вселената.

Русија нема лансирана лунарна мисија од Луна-24 во 1976 година кога Леонид Брежњев владееше со Кремљ.

Според руските вселенски претставници, Луна-25 требаше да изврши меко слетување на јужниот пол на единствениот природен сателит на Земјата на 21 август.

Русија се натпреваруваше со Индија, чиј вселенски брод Чандрајан-3 треба да слета на јужниот пол на Месечината оваа недела, и пошироко со Кина и Соединетите држави, кои исто така ги зголемија своите лунарни амбиции.