Првата виолина на научникот Алберт Ајнштајн, која бил принуден да ја крие од нацистите, ќе биде понудена на аукција во Велика Британија за 300.000 фунти (околу 345.800 евра).

Физичарот ја набавил виолината кратко пред да го напушти Минхен во средината на 1890-тите и да замине за Швајцарија на студии.

Тој свирел на виолина, на која подоцна гравирал „Лина“, во доцните тинејџерски години и раните зрели години, додека ја развивал својата теорија за релативност.

Виолината сега е на пазарот со проценета цена помеѓу 230.575 и 345.860 евра, додека седиштето за велосипед на Ајнштајн би можело да достигне цена и до 57.645 евра, објавува „Дејли меил“.

Инструментот, кој внатре носи етикета од производителот од Минхен со датум, ги има сите оригинални делови, од жиците, задниот дел и завртките за фино подесување. Се очекува и книга за филозофијата на Декарт и Спиноза, која Ајнштајн ја потпишал двапати со молив, да достигне цена од 3.500 евра.

Предметите биле во семејството Ајнштајн веќе 70 години, а сега ги продаваат аукционерите Доминик Винтер од Сиренсестер, Глостершир.

Ајнштајн, кој почина во 1995 година, ја дал својата виолина од 1894 година, заедно со својот велосипед и книга за филозофија, на својот добар пријател и колега физичар Макс фон Лауе кон крајот на 1932 година.

Тој се подготвувал да замине од Германија за Америка за да избега од нацистичкиот прогон поради неговата еврејска вера и сакал неговите работи да не бидат изгубени, а 20 години подоцна, фон Лауе ги дал предметите на својата познаничка и обожавателка на Ајнштајн, Маргарете Хомрих од Брауншвајг.

Ајнштајн почнал да свири виолина на петгодишна возраст и вежбал речиси секој ден во текот на целиот свој живот, дури и настапувал јавно, и рекол дека би продолжил со музичка кариера ако не станел физичар.