Во последниот натпревар од третото коло во првата женска кошаркарска лига, кошаркарките на Баскет Кам од Македонска Каменица, славеа убедлива победа над екипата на Шкупи со 59:25. Според тренерот на екипата Јордан Даниловски, победата била обезбедена без посериозни напори од страна на домашните кошаркарки.

– Сите кошаркарки го дадоа потребниот максумум за оваа победа. Цело време ја имавме контролата во натпреварот и заслужено го добивме Шкупи. Честитки до моите кошаркарки и до гостинките кои одиграа фер натпревар, истакна Даниловски.

Тренерот на каменичанки, додава дека иако е почеток на сезоната, цел на екипата годинава е полуфинале во првенството и Куп натпреварите.

– Што се однесува до прволигашката конкуренција мислам дека имаме тим кој може да стигне до полуфиналните борби и во првенството и во Купот. Најдобри сме во М18 конкуренција каде финалето ни е краен дострел. Во тимот има добра атмосфера, добро се работи, децата тренираат напорни и сметам дека ќе нема никакви проблеми, додава Даниловски.

Неодамна Баскет Кам доби нова опрема, за што од клубот искрено се заблагодарија за поддршката од Рудник Саса и Општина Македонска Каменица.