Министрите за надворешни работи на Ерменија и Азербејџан ги одржаа првите билатерални разговори по војната во 2020 година за статусот на спорниот регион Нагорно Карабах во грузискиот главен град Тбилиси, соопштија официјални претставници.
Министерството за надворешни работи на Ерменија соопшти дека министерот за надворешни работи Арарат Мирзојан и неговиот азербејџански колега Цехун Бајрамов „разговарале за широк спектар на прашања поврзани со нормализацијата на односите меѓу двете земји“.
– Во таа насока, страните разговараа за напредокот во исполнувањето на претходните обврски и разменија мислења за можните идни чекори, јави Радио Слободна Европа.
Во соопштението се наведува дека Мирзојан го повторил ставот на ерменската страна дека политичкото решение на конфликтот во Нагорно Карабах е важно за постигнување стабилен и одржлив мир во регионот.
Азербејџанското Министерство за надворешни работи соопшти дека Бајрамов побарал „повлекување на вооружените сили на Ерменија од територијата на Азербејџан“, мислејќи на деловите на Нагорно Карабах кои сè уште се под ерменска контрола.
Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев изрази надеж дека „првата билатерална средба на министрите ќе донесе резултати“.
Во мај, министрите за надворешни работи одржаа трилатерален состанок во главниот град на Таџикистан, Душанбе, на кој присуствуваше и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Ерменија и Азербејџан водеа две војни за Нагорно Карабах, во 2020 година и во 1990-тите. Регионот, кој е под контрола на етнички Ерменци речиси три децении, меѓународно е признат како дел од Азербејџан.