Според првите официјални податоци од Романската изборна комисија, врз основа на преброени гласови од 20 проценти од гласачките места, во вториот круг од претседателските избори во Романија, евроскептичниот десничар Џеорџе Симион води со 51,8 проценти од гласовите, објавува Диги24.
Неговиот противник, независниот кандидат и градоначалник на Букурешт, Никусор Дан, има поддршка од 48,14 проценти од романските гласачи.
По објавувањето на првите излезни анкети кои покажаа дека Дан имал предност, тој изјави дека „романското општество покажа импресивна сила“, додека Симион рече дека „според проценките на неговиот тим, тој има 400.000 гласови повеќе“ од Дан, објави Ројтерс.
Како што објави Диги24, излезноста на граѓаните ја надмина онаа од 2014 година, а експертите изјавија дека токму излезноста ќе го одреди новиот претседател на Романија.