Првиот сателит – Мозаик – што Србија се подготвува да го испрати во орбитата освен што ќе го набљудува Сонцето во доменот на рендгенските зраци, што е невозможно од земјата, има и мала камера што ќе ја снима Србија оддалеку. Тоа го нагласи во изјава за Политика научниот соработник на српската Астрономска опсерваторија во Белград, Милан Стојановиќ.
Планот е „Мозаик“ да биде лансиран кон крајот на 2025 или почетокот на 2026 година и да се задржи во орбитата две до три години.
Тој додаде дека на тој начин ќе се добијат снимки од Србија и подобро ќе се совлада таа технологија.
Според него, споредната цел на мисијата е учење и совладување на сите техники – од набавка на компоненти до самото лансирање на сателити во вселената, за подоцна да се работи на изградба и испраќање поголеми летала.
„Мозаик“ спаѓа во класата на мали сателити познати како „CubeSat“, со димензии 10х10х10 сантиметри, што колоквијално се нарекуваат коцка или наносателити.
– Спектрометарот за проучување на Сонцето ќе го купиме готов, но некои делови ќе ги направиме во Србија. Потоа треба да го собереме сето тоа и да потврдиме дека е подготвено за температурите во вселената. Мора да ги поминеме сите можни тестови пропишани според светските стандарди и дури потоа ќе можеме да го лансираме сателитот, со помош на некои од земјите кои ги обезбедуваат тие услуги – рече Стојановиќ.
Астрономската опсерваторија, Машинскиот, математичкиот и електротехничкиот факултет од Белград, како и Институтот „Михајло Пупин“ заедно работат на проектот што е започнат пред околу две години.
фото: Gadgets 360