Товарен воз на Кинеските железници со опрема за изградба на брзата пруга во Србија, пристигна денес од Кина во Белград, а го пречекаа српскиот претседател Александар Вучиќ и кинескиот заменик министер за трговија Чен Кеминг.
Како што јави дописникот на МИА, композицијата со опрема што ја користат кинеските компании за изградба на брзата линија од Белград до Будимпешта, тргна на 24 септември од градот Ѓинан, во провинцијата Шангдонг и премина околу 10.500 километри.
Ова е првиот товарен воз од Кина до Србија.
Во 90-тите години на минатиот век, од Кина во Белград спорадично пристигнуваше само по еден вагон, преку Турција, како дел од возовите чија крајна дестинација беше во други земји на централна Европа, како Унгарија, Полска и Австрија.
Железничкиот сообраќај само е еден од централните видови на сообраќај на кинеската глобална економска иницијатива „Еден појас, еден пат“, а брзата железница од Белград до Будимпешта е составен дел на проектот.
Фреквенцијата на линијата ќе зависи од интересот на кинеските компании кои работат на српскиот пазар, како и на српските компании кои соработуваат со Кина, соопшти претходно Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура.
Отворањето на железничката пруга помеѓу Кина и Србија создава можности за сите стопанственици од Србија и регионот да можат да ги извезуваат своите производи на кинескиот пазар, како и да ги увезуваат потребните производи од Кина, бидејќи железничкиот транспорт е многу поисплатлив од воздушниот и поморскиот сообраќај.