Преспанското Езеро оваа година стана сцена на првите подводни археолошки истражувања во овој регион, значаен и историски момент за културното наследство на Македонија. Истражувањата започнаа како активност на НУ Завод и музеј – Битола и ГО за развој на алтернативен туризам Љубојно, а во рамките на проектот ACT4PRESPA, со цел да се идентификуваат, документираат и заштитат археолошките богатства во, и околу езерото.

Во првите две фази стручен тим спроведе рекогносцирање на македонскиот дел од преспанското крајбрежје од границата со Р. Грција до границата со Р. Албанија. При тоа беа детектирани и документирани 11 археолошки локалитети. Еден од нив, во близина на селото Наколец, се покажа како најрелевантен за понатамошно истражување, по што започнаа сондажните археолошки истражувања, кои исто така се реализираа во два циклуси.

ACT4PRESPA

-Ова е исклучително значаен момент за Преспа. За првпат имаме можност да навлеземе во археологијата на езерото и да откриеме слоеви од минатото кои досега беа целосно непознати, истакнува Орданче Петров, раководителот на тимот за подводна археологија.

По повлекувањето на нивото на езерото, дел од локалитетите излегоа на копно, што овозможи да се извршат сондажните археолошки истражувања на локалитетот во близина на село Наколец. При истражувањата беше откриен дел заштитен со дрвена палисада, како и голем број движни археолошки предмети. Посебно внимание привлече пронаоѓањето на предмети изработени од органски материјали: дрвени алатки, рачки, чешли и различни конструктивни елементи. Ваквите наоди се прв и единствен пример, на зачувани предмети од органски материјали од локалитет кој е датиран во временската рамка од крајот на XIII па сѐ до крајот на XIV век. Локалитетот кај с. Наколец, претставува прв и засега единствен пример на благороднички имот во македонската археологија датиран во периодот на XIV век.

„Зачувувањето на органски материјали е навистина невообичаено. Милот и тињата на езерото создаваат средина без кислород која ги штити објектите од распаѓање. Тоа ни овозможува уникатен увид во минатото на заедниците“, објаснува Орданче Петров,  раководителот на тимот за подводна археологија.

ACT4PRESPA

Првичните анализи упатуваат дека средновековните жители во Преспа, главно се занимавале со земјоделство, а не со риболов, факт кој изненадува со оглед на близината на езерото. Досегашните податоци сугерираат дека Преспанското Езеро во минатото било значително помало.

-Исклучителните наоди кои беа откриени за време на сондажните археолошки истражувања во близина на с. Наколец, се од непроценлива важност не само за македонската археологија, туку воопшто за балканската и европската археологија. Тие го збогатуваат културното наследство на Преспа, претставуваат додадена вредност на останатото културно наследство, и како такви може да претставуваат вистински ресурс за развој на културниот туризам во регионот, дополнува д-р Мери Стојанова координатор на проектот ACT4PRESPA, од НУ Завод и музеј – Битола.

Сите пронајдени керамички и метални предмети се депонирани во Завод и музеј – Битола, додека органските материјали се испратени на специјализирани конзерваторски истражувања во Лајбниц– центар за археологија, во Германија. Овој процес би требало да трае најмалку една година, по што предметите би биле достапни за јавност.

ACT4PRESPA

Истражувањата се реализираат со силна поддршка од локалната заедница кои во неколку наврати ги пријавуваат пронајдоците и активно помагаат во заштитата на локалитетите.

Преспа отсекогаш го криела минатото под својата површина. Конечно започнуваме да го откриваме тоа богатство.

Истражувањата се реализираат во рамки на проектот ACT4PRESPA, кој се спроведува во рамките на програмата ЕУ за одржлив развој на регионот на Преспанското Езеро, како рестриктивен повик кој се имплементира под EuropeAid/178154/DD/ACT/MK, Инструмент за претпристапна помош за рурален развој, и се однесува на активности кои треба да бидат имплементирани исклучиво во делот на Преспанското Езеро, Република Македонија.

ACT4PRESPA

Проектот ACT4PRESPA се спроведува во партнерство меѓу:

· НУ Завод и музеј – Битола, Македонија (водечки партнер)

· Граѓанска организација за развој на алтернативен туризам Љубојно, Љубојно (Македонија)

· Универзитет Аристотел – Солун (Грција)

· Национален музеј на средновековна уметност – Корча (Албанија)

· ИДЕЈА ЗА КУЛТУРА (Грција)