Главниот обвинет за терористичките напади во Париз во 2015 година на денешното судско рочиште изјави дека била нападната Франција и оти цели биле цивили и население, но оти „во тоа немало ништо лично“.
Салах Абделслам, единствениот преживеан од вооружената група, која уби 130 и повреди неколку стотици луѓе во и околу Париз на 13 ноември 2015 година, се обрати пред судот во Париз како последен од 14-те обвинети.
Судијата на специјалниот суд побара сите обвинети да дадат „спонтана и концизна изјава“.
Во големата судница владееше оловно молчење додека обвинетите зборуваа по ред, коментираат локалните медиуми.
Абдеслам зборуваше со мирен тон околу пет минути, наведувајќи дека „терористите и џихадистите“ се всушност муслимани и оти го претставуваат „автентичниот ислам“.
Судењето, кое почна на 8 септември, се очекува да трае девет месеци.
Нападот беше извршен на 13 ноември 2015 година, од неколку вооружени мажи, во близина на полн фудбалски стадион, пред концертната сала Батаклан за време на концерт и пред место каде што се наоѓаат неколку ресторани, кога тројца бомбаши самоубијци се кренаа во воздух во исто време.
Нападот се случи десет месеци по терористичкиот напад врз редакцијата на францускиот сатиричен неделник Шарли Ебдо и врз еврејска продавница во предградието на Париз.
Редакцијата на Шарли Ебдо, која продолжи со сатира и критики кон општеството, инсистирајќи дека нема табуа, сега е на непозната локација која постојано е под полициско обезбедување.